Додека не профункционираат регионалните депонии за управување со отпадот предвидени со Стратегијата за управување со отпад, постоечките депонии задолжително мора да исполнат одредени минимални критериуми за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Ова денеска го соопшти директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирус Мемед, притоа додавајќи дека се извршени вонредни надзори во јавните комунални претпријатија.
„Надзорот е извршен во сите Јавни комунални претпријатија (ЈКП) без оглед дали стопанисуваат со санитарно-комунални депонии или не и истите согласно констатираната состојба се задолжени со решенија за обезбедување на минимум критериуми како вода, електрична енергија, оградување, видео надзор, евиденција на отпадот, физичко обезбедување, согласно законот, во однос на управување со депониите”, рече Мемед.
За целосна реализација на сите задолженија, дел од ЈКП побараа пролонгирање на решенијата, и при тоа согласно законските можности како и заради почитувањето на постапката за јавни набавки, крајот на март 2014 година, е даден како краен термин за целосно нивно исполнување.
Исто така, крајот на март 2014 година е крајниот рок за обезбедување на вода за миење на транспортните возила за смет во рамки на самите депонии.
„По завршување на роковите дадени во решенијата, нашите инспектори ќе извршат контролни надзори за реализација на задолженијата и доколку не се исполенети во целост ќе се применат законски казнени одреби”, додаде Мемед.