Над 300 лица до 29-годишна возраст со најмалку средно образование годинава ќе бидат опфатени со Програмата за практиканство. Годишно се вклучуваат меѓу 80 и 150 компании, а годинава се очекува практиканство да се спроведува и во странските компании кои инвестираа во фабрики во земјава.
Стопанска банка АД Скопје е една од компаниите која во неколку наврати учествува во Програмата за практиканство и во периодот 2012 – 2013 година има ангажирано 33 млади невработени лица од кои 10 се веќе вработени, а најавува учество и во иднина.
Со Програмата за практиканство ќе бидат опфатени 319 лица, за што се обезбедени средства во висина од 5,150 милиони денари. Младите се ангажираат за период од три месеци при што им се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ги повика и работодавачите и невработените млади лица да се вклучат во Програмата, со цел заеднички да се придонесе за подобрување на состојбата на пазарот на труд, и невработените побрзо да дојдат до вработување. Спасов истакна дека ова е една од трите објавени мерки за вработување со кои се опфатени вкупно 1.670 невработени, а за што се издвоени 44.430.000 денари.
Станува збор за Обука кај познат работодавач со цел да се обезеди определено ниво на знаење и вештини за работодавач, кој има утврдено определени потреби за работни места. Со обуката се овозможува стекнување и дополнување на знаењата и вештини на евидентираните невработени лица заради нивно полесно вработување. Со оваа Програма се планира да се опфатат 1.125 лица, за што се обезбедени средства од 22,580 милиони денари. Се опфаќаат лица со основно и средно образование и вештини блиски на потребите на работодавачот.
Обуката трае три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од шест месеци. Висината на паричната помош изнесува 5.700 денари месечно плус надоместување на трошоците на работодавачот за менторство и обука. Покрај ова објавен е и оглас за мерката обука за задоволување на побараните занимања на пазарот на труд.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски појасни дека огласот се однесува на 31 вештина која е побарувана на пазарот на труд, а меѓу кои се аргонски заварувачи, ѕидари, монтери на гипс…
Заинтересираните може да се пријават до 28 февруари 2014 година, а за да се одржи обуката треба да има најмалку 15 заинтересирани лица. Досега со мерката обука кај познат работодавач учествувале 7.278 лица, а се постигнати 6.591 вработување, со мерката задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот учествувале 1.036 лица, а се вработиле 491 и во мерката практиканство учествувале 1.295, а вработени се 759 лица.