Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Македонската берза АД Скопје и Институтот на овластени ревизори денеска во Скопје организираат тркалезна маса на тема Зошто нема јавни понуди на хартии од вредност во Република Македонија?
Тркалезната маса има цел да ги поттикне друштвата да издаваат хартии од вредност преку кои полесно и поевтино ќе дојдат до потребните финансиски средства за реализација на своите бизнис проекти, што пак ќе го заживее пазарот на капитал и ќе ја збогати понудата на хартии од вредност.
Покрај организаторите, на тркалезната маса се поканети и претставници на компании, потенцијални издавачи на хартии од вредност и на брокерските куќи.
Во рамките на настанот ќе биде промовиран Водич за Јавна понуда на хартии од вредност, изработен од Македонската берза АД Скопје и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
Во Водичот се објаснува постапката за издавање хартии од вредност по пат на јавна понуда како начин на прибирање на слободен паричен капитал за долгорочно финансирање на компаниите, предностите и карактеристиките на јавната емисија, како и котацијата на берза. Наведени се и некои успешни приказни на јавна понуда кај нас и во светот.