Македонската компанија Макпрогрес објави дека инвестирала три милиони евра во 2013 година во два нови производни погони за кондиторски производи во Виница и производи во делот на здрава исхрана во Скопје. Компанијата со новите инвестиции креирала 80 нови вработувања.
Со инвестиција од еден милион евра во новата палета здрави производи Натура, Макпрогрес го збогати своето портфолио на далекупознати производи на брендовите Винчини, Армониа, Сончева Долина и 30 други брендови.
Во текот на оваа година, Макпрогрес планира и дополнителна инвестиција во производите Натура од уште еден милион евра во проширување на капацитетите и асортиманот на производи, информираат од компанијата.
Новиот бренд Натура е создаден од совршен баланс на квалитетни, природни и внимателно одбрани состојки, традиција и најсовремена технологија кои со сигурност ќе придонесат за подобрување на вашето здравје и начин на живот во целина. Овој бренд содржи над 30 здрави производи поделени во категории: оризови плочки и барови, мусли и мусли барови, корнфлекс, житни снегулки, експандирани житарки, жита и преработка од житарки, семиња, производи од соја, сушено овошје, зачини, засладувачи, десертни топчиња.
„Двете инвестиции наскоро ќе донесат на виделина 50-тина нови производи во производното портфолио на Макпрогрес наменети за домашниот и странските пазари. Нашата стратегија е насочена кон постојани подобрувања на постојните и развој на нови производи, а со постојаните вложувања да ја прошируваме палетата на производи за да може да ги задоволиме различните потреби и барања на нашите потрошувачи. Плановите за развој подразбираат и континуирана обука и доедукација на вработените, па така за наредниот период очекуваме интензивни консултантски посети од странство заради доусовршување на производните процеси и подобрување на конкурентноста“, изјави Глигор Цветанов, генерален директор на Макпрогрес.
Минатата година беше една од најуспешните години во работењето на Макпрогрес Виница со остварени рекордните резултати од продажбата на домашен пазар и на странските пазари. Вкупниот промет за прв пат надмина 20 милиони евра, а произведени се 10.000 тони готови производи, од кои 70% се извезени на пазарите на 42 држави низ светот. Компанијата брои над 400 вработени.