Новата странска инвестиција, британската Ендава ИКТ компанија со седиште во Лондон, за развивање софтвери, во Република Македонија ќе отвори нови 450 работни места во наредните три до четири години, а во првата фаза ќе инвестира над два милиони евра.
Џон Которел, извршен директор на британската Ендава, по денешната средба со премиерот Никола Груевски изрази исклучителна благодарност до Владата и другите институции и ИТ компании во земјава за поддршката и нивниот голем интерес за проширување на овој бизнис во Република Македонија.
“Од 40 градови во Европа го избравме Скопје затоа што постои брз раст на ИТ секторот, забрзаниот економски раст и високообразованиот кадар”, рече извршниот директор Которел.
Британската Ендава, која работи на развој на софтвери за најдобрите 500 мултинационални компании од листата на ФОРТУНЕ од банкарскиот, телекомуникацискиот и осигурителниот сектор, отвора во првата фаза дистрибутивен центар за изработка на софтвери и во Скопје. Се планира и раст на инвестициите, како и нови центри во други градови како што е Штип и Тетово, места каде што има ИТ факултети.
Британската компанија Ендава има свои канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта Галзгов, Оксфорд, Романија и Молдавија.