Вработените се повеќе бараат заштита на своите права

34

Зголемен е бројот на работниците кои во 2013 година се обратиле до Сојузот на синдикати на Македонија и побарале заштита на работничките права.
Претседателот на Сојузот на синдикати Живко Митревски денеска на прес-конференција информира дека минатата година имале 3.633 обраќања за заштита на правата од работен однос што претставува зголемување за 844 обраќања во споредба со 2012 година.
Најголем број од обраќањата се по основ на неисплатени плати и придонеси (2.119), по што следуваат за отказ од деловни причини (689) и за права во стечајна постапка (200). За прекршувања на синдикалните права имало 171 обраќања, за променети договори за вработување 153 и за прекувремена работа 124.
Најмногу прекршувања на работничките права се евидентирани во угостителството, туризмот, агросекторот, индустријата, енергетиката, рударството и градежништвото.
Митревски истакна дека од страна на правните служби дадени се 1.596 совети, изготвени се 565 приговори и добиени се 360 пресуди од кои околу 90% во корист на работниците. Спогодбено решени се 58 спорови.
“Доколку овие правни дејствија работниците би ги презеле приватно, преку адвокати, тогаш би требало да идзвојат над 17.841.094 денари. Сојузот на синдикати на Македонија со своето бесплатно регулирање на оваа активност и помош им ги заштеди овие средства на работниците”, рече Митревски.
Сојузот на синдикати на Македонија им нуди правна помош на работниците во 10-те регионални синдикални претставништва низ државата.