Минатата година испорачана стока од 50 милиони евра од странските инвеститори

40

Околу сто домашни компании се добавувачи на стоки и услуги на странските инвеститори присутни со свои капацитети во технолошко индустриските зони. Лани по тој основ испорачале стока во вредност од 50 милиони евра. За начините како да станат поквалитетни добавувачи со поголем износ на промет со компаниите од зоните и за интензивирање на нивната соработка разговараа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо со менаџерите на најголемите инвеститори во индустриската зона Бунарџик.
Според вицепремиерот Пешевски, на средбата е посочено дека домашните компании можат да станат подобри добавувачи со стекнување меѓународни сертификати со што квалитетот на производите би бил на повисоко ниво.
“Беше посочено дека ќе биде потребно да се подобри малку и едукативниот процес во универзитетите, да се помогне на домашните компании во сертифицирање со меѓународни сертификати со коишто квалитетот на производите коишто се добавуваат во зоната би бил на уште повисоко ниво, да се подготви листа на компании кои би можеле да бидат добавувачи на зоните, но и самите компании редовно да даваат до Владата, а подоцна ние да дистрибуираме до Комората список на производи или услуги коишто ним им се потребни, а кои би можеле да бидат произведувани во Македонија”, изјави по средбата Пешевски.
Една од забелешките на инвеститорите е тоа што не е голем бројот на компаниите кои ги имаат сите потребни сертификати да се добавувачи во зоната, почнувајќи од основниот сертификат ИСО 9001 со којшто секоја компанија потврдува дека процедурите во неа се уредени согласно однапред дефинирани правила.
“Тоа постои кај определен број компании, но кај оние што треба да се добавувачи во автомобилската индустрија стандардите се уште повисоки и не постои македонско тело кое што ја врши оваа сертификација, туку таа треба да се прави во странство, што за домашните компании е релативно голем трошок. Но, тоа е нешто на што ќе работиме да го надминеме”, рече Пешевски.
Домашните компании, порача Пешевски, мора да бидат свесни дека иднината е сепак во извозот.
“Се додека ние сме затворени само во домашната економија и само продаваме на домашниот пазар постојано ќе бидеме предмет на притисок како држава зборувам од други добавувачи од странство. Ќе мора и ние да излеземе надвор, а еден од предусловите е да ги поседуваме сите тие сертификати”, наведе вицепремиерот.
Според него, предноста на зоните е токму во тоа што потребните сертификати домашните компании може да ги постигнат во Македонија, да почнат да продаваат на компаниите во зоните и подоцна со таа референца и со тие стандарди да можат да настапите на пазарите во странство.
Македонските добавувачи за странските инвеститори во индустриските зони се од областа на логистиката, градежништвото, како и консултантски бироа, осигурителни компании, компании за изработка на алати, пластични компоненти, амбалажа и пакување, и компании од хемиската индустрија. Нивната испорачана стока во минатата година со вредност од 50 милиони евра, е за 12 милиони евра повеќе во однос на 2012 година. Испораката на стоки и услуги во 2011 година била 20 милиони евра.