Интегриран развој на човечките ресурси во прекуграничниот регион Македонија – Бугарија

44

Здружението Граѓански центар за одржлив развој ЕГРИ од Крива Паланка во партнерство со Фондацијата Стратос од Белица, Бугарија го имплементираат проектот Интегриран развој на човечките ресурси во прекуграничниот регион Македонија – Бугарија во рамки на Третиот повик на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, финансирана со средства на Европската унија.
Проектните активности ќе се спроведуваат на територијата на Источна Македонија и Западна Бугарија, а целта на проектот е поддршка на мобилноста, адаптибилноста и условите за стручни обуки и преквалификација на луѓето во активни работни години во прекуграничниот регион.
“Со проектот се предвидува идентификација на тековниот и очекуваниот јаз во иднина помеѓу потребите на вработувачите и достапноста на квалификувана работна сила во прекуграничниот регион, креирање стратегија за интегриран развој на човечките ресурси во истиот регион. Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани на конференции во Македонија и Бугарија, а предвидена е и промотивна кампања за помош на барателите на работа и вработувачите од двете страни на границата, преку промоција на веб – информативниот портал”, информираа од ЕГРИ Крива Паланка.
Како што истакнаа организаторите, проектот Интегриран развој на човечките ресурси во прекуграничниот регион Македонија – Бугарија треба да воспостави врска помеѓу бизнисот и образованието, да креира стабилно партнерство помеѓу партнерите во проектот, еден заеднички план за соработка во полето на човечките ресурси, заеднички веб-портал и платформа за е-учење.