Шеесет и осум компании поднеле барање за вработување на лица до 29 години

47

За само четири дена, 68 компании поднеле барање за искористување на владината мерка за вработување на млади лица до 29 години со која фирмите се ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за работникот, информираше министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов во Стопанската комора, каде што на 40-тина претставници од различни компании им ги презентираше мерките за намалување на невработеноста во Македонија.

„Ова е системска мерка која во континуитет ќе трае за сите приватни компании во наредните две години и притоа очекувам континуирано да се зголемува бројот на приватни компании кои ќе поднесуваат барање и ќе вработуваат млади лица”, рече Спасов.

Тој истакна дека Министерството и понатаму ќе продолжи со партнерството со приватниот сектор и во соработка со компаниите ќе предлага, креира и реализира мерки со кои се поттикнува и олеснува вработувањето во државата.

Во врска со заштитните механизми, Спасов појасни дека законските одредби кои ја дефинираат ова мерка предвидуваат од 31.12.2013 до моментот на поднесување на барање од страна на компаниите да не се намали бројот на вработени со цел фирмите да не ја злоупотребуваат оваа мерка, односно да отпуштаат работници, па да вработуваат лица.

Дополнително, во периодот кога ќе ја користат помошта, компаниите не смеат да го намалат бројот на вработени или пак ако го отпуштат младото лице потребно е да вработат друго лице од истата категорија.

Оваа мерка опфаќа околу 45.000 невработени млади лица до 29 години од кои 20.000 се активни баратели на работа.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на лицето.

Доколку работодавачот исплати повисока бруто плата од просечната ќе треба да изврши доплата на придонеси од задолжително социјално осигурување само за разликата над просечната бруто плата.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните ослободувања за работодавачите изнесуваат: 27% по основа на социјалните придонеси и 10% персонален данок на доход, односно ослободување од 37%.