Српскиот пазар на капитал е во криза и работи можеби во најтешки околности во својата понова историја, оцени директорката на Белградската берза, Гордана Достаниќ.
Таа на 11. меѓународна конференција на Белградската берза изјави дека на пазарот на капитал е евидентен пад на активностите и ентузијазмот на учесниците на пазарот, пишува Б92.
Според неа, во Србија досега не е спроведена ниту една иницијална јавна понуда и постои ниско ниво на финансирање на локалната самоуправа за емитување општински обврзници.
Претседателот на Комисијата за хартии од вредност, Зоран Ќировиќ оценува дека Србија има рецесивен пазар, но дека е таква ситуацијата во целиот регион. Тој додава дека Србија има добар закон, но пазарот е мртов.
На оваа конференција учествуваат 12 компании од Србија и соседството, како и девет домашни и странски инвеститори. Белградската берза годинава одбележува пет години од вклучувањето на првите компании на листингот.