ЕДС ќе наплаќа 20% поевтина струја

41

Своите потреби за електрична енергија 222 македонски компании со повеќе од 50 вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра од денеска ќе ги задоволуваат на слободниот пазар. Со тоа официјално стапува на сила втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија која првично требаше да се случи во декември 2012 година, за потоа да биде одложена за јуни 2013 година. Како причина за одложувањето беше наведено можното поскапување на струјата за тарифните потрошувачи, односно за домаќинствата за кои либерализацијата на пазарот е предвидена од 1 јануари следната година. Со тоа пазарот на електрична енергија во Македонија целосно ќе биде либерализиран, бидејќи претходно на почетокот на 2008 година беше либерализиран за деветте големи потрошувачи.
Согласно Акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија, претпријатијата кои имаат повеќе од 50 вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра, од утре можат самостојно да учествуваат на пазарот на електрична енергија. Тие беа должни да се регистрираат како учесници на пазарот на електрична енергија согласно Правилата за пазар на електрична енергија и да склучат договор со снабдувач со електрична енергија или трговец со електрична енергија за наредната година најдоцна 30 дена пред денот на стекнувањето на својството квалификуван потрошувач.
Фирмите очекуваат дека со либерализацијата на пазарот ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Поевтинувањето, според нивните очекувања, може да биде и до 25%.
Тие што потпишале договор со ЕДС пред почетокот на либерализацијата на пазарот, според менаџментот на снабдувачот, ќе добијат до 20% поевтина струја. Веќе е формирана балансна група на компании кои потпишале договор со ЕДС и е доставена до Регулаторната комисија за енергетика.
“Нашата компанија има одлични цени и услови. Ја имаме најголемата балансна група, а тоа значи исполнување на сите обврски без никакви пречки. Кога ја немате поддршката на балансната група, ризикот за набавка и продажба на струја по дадени услови е голем. ЕДС понуди и се уште нуди пониска цена, сигурност и квалитет на испорака на електрична енергија”, изјави неодамна Кочо Анѓушев сопственик на ЕДС.
Нагласи дека покрај големите индустриски капацитети кои се снабдуваат со струја од ЕДС, со формирањето на најголемата балансна група ќе им се придружат уште 40% од македонските компании кои имаат над 50 вработени.