Покриеноста на увозот со извоз е 65,1% во јануари-февруари

45

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – февруари 2014 година изнесува 696.890 илјади американски долари, а на увозот 1.070.984 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз е 65,1%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2014 година, изнесува 374.093 илјади американски долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, облеката и производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платина и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 или 80,8% и земјите од Западен Балкан или 12,2%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 или 64,9% и земјите од Западен Балкан со 10%. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија или 53,6% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.