За 0,3% намалени трошоците за живот во март

40

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.7, а индексот на цените на мало 98.8.
Намалувањето на индексот на трошоците на животот од 0,3% во март 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на мастите за 5,4%, други прехранбени производи за 1,1%, месото за 0,9%, преработките од риба за 0,8%, конзервираните месни производи и свежиот зеленчук за 0,6%, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,3% и сувото овошје за 0,2%.
Во март, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6%, авионскиот превоз на патници за 3,6%, услугите за сместување за 2,7%, средствата за чистење и одржување на станот за 1,9%, течните горива за домаќинствата и телефонските и факс апарати и услуги за 1,8%, обувките за 1%, фармацевтските производи за 0,7% и течните горива и мазива за 0,3%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај свежото овошје за 3,4%, преработките од зеленчук за 1,8% и замрзнатиот зеленчук за 1%.
Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај пакет-туристичките аранжмани за 3,3%, стаклените садови, кујнскиот прибор и друга опрема за домаќинствата за 1,3%, други средства за рекреација, цвеќиња, миленици за 0,6%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,5%, цврстите горива за 0,3%, материјалите за одржување и поправки на станот и големите електрични апарати за домаќинствата за 0,2%.
Индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во споредба со март 2013 година, бележи пораст од 0,2%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,7%.