Студенти ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис планови за енергетска ефикасност

38

Над 150 студенти од економските и техничките факултети во земјава ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис планови кои што содржат елементи на енергетска ефикасност.

Во натпреварот кој што официјално започна во рамките на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија, ќе учествуваат 40 тимови.

За подобро и поуспешно учество на овој натпревар студентите добија и соодветна обука која се одржа на Деновите на образованието на Скопски саем. Студентите имаа можност да научат како практично да ја вклучат енергетската ефикасност во процесот на бизнис планирање.

Во организација на натпреварот беа вклучени и студентските организации AIESEC и IAESTE кои го мобилизираа своето членство низ цела Македонија. Промотивни презентации за учество на бизнис план натпреварот беа одржани на 7 различни факултети во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Тетово.

Рокот за изработка на бизнис плановите е четири недели, а најдобрите три ќе бидат наградени со 30, 18 и 9 илјади денари. Најмногу од се’ се очекува студентите да ја покажат својата иновативност и креативност. Тимовите ќе можат да ги презентираат сработените проекти на завршен настан, а најквалитетните студенти ќе добијат можност за практикантска работа во ЕВН Македонија за време на летниот период.

Главната цел на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија  е подигнувањето на свеста за потребата од користење и имплементирање на енергетската ефикасност особено во компаниите. Користењето на нови енергетски ефикасни технологии во реалниот сектор на долг рок е невозможно без вклучување на младите во овој концепт.

Сите заинтересирани можеа да ја следат обуката преку стриминг во живо на „Youtube” каналот на Енергетска азбука. Целокупното знаење, пак, досега креирано во рамки на Платформата за енергетска ефикасност е објавено на специјално наменетата веб-страница www.energetskaazbuka.mk. На оваа страница исто така ќе бидат објавени и материјалите од обуката за бизнис план.