Две фирми ќе градат нов погон во индустриската зона во Прилеп

66

Две прилепски фирми почнаа да градат нов погон во индустриската зона Прилеп 1 со што ја прошируваат дејноста, а вкупната инвестиција е во висина од 500.000 евра.

“Во новата хала што ја градиме ќе бидеме двајца инвеститори. Едниот за прашкасти производи, тоа е нашата фирма Годам, а другиот Уникат градба ќе има елементи од градежништвото што ќе ги работи внатрешноста на објектите. Објектот се простира на 1.100 метри квадратни“, вели Миле Илиоски, сопственик на прехранбена фирма Годам, пренесува МИА.

Сопственикот на Уника градба, Тоде Илиоски, истакна дека ќе го прошират работењето во доменот на градежништвото, ќе отворат хала и стовариште за производство и на ПВЦ – програма.

Од вкупно 21 парцела во зоната до крајот на летото ќе се изградат нови хали на пет од нив, а локалните власти имаат обврска да ја комоплетираат инфраструктурата.

“Инвеститорите веднаш по нашето комплетирање на инфраструктурата влегоа и почнаа со градба на своите капацитети, така што очекуваме на сите 21 парцела што беа продадени минатата година да почне да се гради“, рече Илија Карески, раководител на одделението за урбанизам при локалната самоуправа во Прилеп.

Првата индустриска зона Прилеп 1 ќе ги прошири речиси сите дејности во прилепското стопанство. Со денешните две, досега со градба почнаа вкупно пет фирми од графичката, прехранбената и трикотажната индустрија. Вчера својот погон почна да го гради компанијата за трикотажа Тритекс чија инвестиција е околу еден милион евра и ќе отвори нови 300 работни места.

Минатата недела со градба на хала од 2.500 метри квадратни почна прехранбената фирма Донија чија инвестиција со нови машини е околу 500.000 евра и ќе отвори нови 50 работни места.