Француското Интернационално училиште во Скопје во четврток на осми мај во 10 часот ќе ги отвори вратите за сите родители кои сакаат нивните деца да учат на француски јазик. На денот ќе присуствуваат многубројни странски дипломати, француски доселеници и граѓани со своите децата.
Основно училиште нуди едукација според програмата на Министерството за образование на Франција, од каде и е акредитирано. Целата настава се изведува на француски јазик, додека пак македонскиот, како и англискиот јазик, се изучуваат по 5 часа неделно.
“За прв пат училиштето организира Отворен ден на кој преку интерактивен начин родителите и децата ќе се запознаат со наставните програми и организацијата според начелата на Министерството за образование на Франција. Тие ги претставуваат критериумите на француските училишта во странство, што подразбира усогласеност со основните принципи на еднаквост, слобода и секуларизам. Сето тоа дава меѓународно признато и висококвалитетно образование“, вели Ле Рок, претседател на Управниот одбор на училиштето.
Наставата ја водат професори од Франција, високообразовани, динамични и професионални со долгогодишно искуство во тамошниот образовен систем. Во воспитно-образовниот процес преовладува индивидуалниот пристап.
Француското Интернационално училиште издава свидетелства признати насекаде во светот, исто како ученикот своето образование да го завршил во Франција.