ЕЛЕМ се откажа од продажба на вишоци на електрична енергија за да и помогне на Србија

38

elem

Компанијата Електрани на Македонија ја откажа денешната јавна аукција за продажба на вишоци на електрична енергија за периодот од 20-ти до 24-ти мај, поради потребата од насочување на дел од произведената енергија кон Србија.

“Денеска од полноќ почна најавената испорака на хавариска енергија кон електропреносниот систем  на Србија со 80 мегаватачасови во банд режим, што ќе помогне да се надмине недостатокот од овој енергент како последица на катастрофалните поплави на територијата на Србија. Истовремено, електричната енергија од Македонија ќе придонесе во одржување на стабилноста и доверливоста на тамошниот електроенергетскиот систем, како и на севкупниот електроенергетски блок во регионот“, велат од ЕЛЕМ.

Посочуваат дека во изминатите неколку денови ЕЛЕМ е во интензивна комуникација со колегите од Електромрежа на Србија и Електростопанство на Србија, со кои заеднички се анализираат сите технички детали во врска со состојбата на електроенергетскиот систем во Србија.

“Разгледани се можностите за испорака на дел од производството кон нашиот северен сосед, притоа целосно респектирајќи ги обврските кон тарифните потрошувачи, како и обврските кон МЕПСО за обезбедување системски услуги. Од утре испораката на струја во Србија ќе зависи од нивните потреби,  како и од нашите можности за производство“, информираат од ЕЛЕМ.

Како што веќе најави Дејан Бошковски, генерален директор на ЕЛЕМ, компанијата во следниот период ќе произведува електрична енергија за потребите на Србија и за нејзините граѓани, а во соработка со српските енергетски власти состојбата ќе се следи на дневно ниво.

“Им стоиме на располагање на пријателите од Србија во врска со се што ќе им биде потребно од наша страна, се разбира, во рамките на  можностите. Во овој момент тие изразија потреба за електрична енергија која им е неопходна поради намаленото производство од нивните електрани. Подадената рака во основа значи техничка солидарност во согласност со протоколите за соработка и одржување на интегритетот на електроенергетските системи во регионот и намалување на можноста за нарушувањето на нивната стабилност во услови кога земјите од соседството се соочуваат со природна катастрофа. Исто така, количините ќе помогнат превентивно во намалување на ризикот од евентуален прекин на снабдувањето во делови од Србија поради недостаток на електрична енергија. На нашите колеги веќе им понудивме помош  од  инженери и друг стручен кадар кој би можел да им помогне во санацијата на штетите како последица од поплавите во дел од нивните термоелектрани“, изјави Бошковски за МИА.

Тој посочи дека ЕЛЕМ им се заблагодарува на компаниите кои имаа намера да учествуваат на денешната аукција за продажба на електрична енергија и верува дека ќе имаат разбирање за новонастаната ситуација.  Како и досега, за секоја идна аукција компанијата редовно ќе информира на својата веб страница.