Ќе се распише нов јавен повик за субвенционирање на сезонската линија Охрид – Лондон

50

Рокот за пријавување во рамки на Јавниот повик на Општина Охрид за субвенционирање сезонска авионска линија Охрид – Лондон истече, а за понудата не се јавила ниту една авиокомпанија.

Во јавниот повик беше предвидена финансиска поддршка за авиопревозник што ќе ги исполни условите утврдени во барањето и ќе понуди најнизок износ на финансиска поддршка, по патник во пристигнување.

Од локалната самоуправа информираат дека по поминувањето на сите законски процедури и рокови поврзани со овој повик, планирано е да биде распишан нов јавен повик за субвенционирање на истата авиолинија.

Инаку, според условите на минатиот повик, новата авиодестинација требаше да биде постојано опслужувана по однапред определен ред на летање. Корисникот што ќе ја добие финансиската поддршка требаше да воведе лет на релација Охрид – Лондон, со два лета седмично во периодот од 15 јули до 15 септември годинава, како и во текот на целите 2015 и 2016 година. Притоа операторот требаше да обезбеди превоз за најмалку 9.600 патници годишно или минимум 800 на месечно ниво, во целиот период на користење на финансиската поддршка.