Најголем проблем на потрошувачите во април оваа година бил сервисот на техничките апарати, инфомираат од Организацијата за заштита на потрошувачите.
“Проблемот се јавува во тоа што потрошувачите се уште не знаат дека еден производ, согласно Законот за заштита на потрошувачи, може да се сервисира најмногу трипати и доколку се расипе четврти пат, тие имаат право да бараат нов производ или поврат на средствата“, информираат од Организацијата за заштита на потрошувачите.
Сервисирањето на производот може да трае најмногу 30 дена и дека доколку не се сервисира во тој период, потрошувачите имаат право да бараат нов производ или поврат на средствата.
До организацијата дошле и поплаки дека голем ланец маркети кој продава технички производи направил заблуда кај потрошувачите со тоа што издал флаери со погрешно означени карактеристики на одредени производи, па производителот на тие производи се обратил во Организацијата која реагирала веднаш до Државниот пазарен инспекторат тоа да биде спречено.
Потрошувачите реагирале и на купувањето во интернет продавници и неможноста да остварат контакт доколку не се задоволни од производот што го порачале.
Потрошувачите се пожалиле и на јавните претпријатија и телекомуникациските оператори. Најчесто за сметките кои или им стигнувале однапред или пак воопшто не стигнале, потоа биле нереални сметките за вода и смет или парно.
“Чест проблем се и договорите кои се потпишуваат со телекомуникациските оператори кои содржат пасуси со многу мали букви поради што постарите лица не ни можат да ги прочитаат и се јавува проблем кога некој ќе ги извести што точно потпишале. Секако се уште стандарден проблем е со испораката на топлинска енергија, потрошувачите секојдневно се жалат на превисоки суми за парно, како и за паушалите кои се обврзани да ги плаќаат иако не користат парно греење или често воопшто не ни имаат цевки за парно греење кои поминуваат низ нивниот стан“, истакнуваат од Организацијата на потрошувачи.
Потрошувачите се жалеле и на готовата храна што се продава во некои супер маркети бидејќи немало наведено декларација со содржината.