Фото: Pixabay
- Дали започнувате со некоја активност или проект и го завршувате до крај!?
- Дали кога ќе ветите нешто (па дури кога е и само на себеси) го исполнувате!?
- Дали лесно кажувате НЕ на некое провокативно јадење, а притоа сте на диета!?
- Дали станувате порано секој ден и работите на себе (вежбање, прошетка, читање)!?
- Дали станувате да ја завршите некоја работа што сте рекле дека ќе ја завршите, кога вас само ви се дреме и/или гледа ТВ!?
- Дали станувате на првото ѕвонење на алармот, или после 4-5 притискања на „snooze”!?
- Дали сте биле на сите тренинзи на фитнес или пилатес?
- Дали ја проверувате електронската пошта во одредено време во денот (или постојано пораките ви го одвлекуваат вниманието)!?
Доколку одговоривте ДА на овие прашања, тогаш вие нема потреба да читате понатаму. Но, доколку се пронајдовте во повеќето од прашањата дека го правите спротивното, тогаш се работи за помала (само)дисциплина и можеби би ви користело да го прочитате текстот во прилог.
Дисциплината е систем на активности кои водат кон остварување на определена цел или идеал. Таа претставува доминација на вољата во однос на некои примални / основни желби. Дисциплината претставува контрола над нашите емоции и начин како да се надминат нашите слабости. Затоа многу често таа се поистоветува и со само-контрола и мотивација. Дисциплина е кога го користиме разумот со цел да ја донесеме вистинската и најправилната одлука, а која можеби е спротивна на нашата желба. Често дисциплината значи жртвување на задоволството и возбудата од некоја активност, за нешто што не е толку возбудливо, но сигурно многу повеќе во релација на нашите генерални цели. Тоа е така и така мора да го прифатиме.
Со само-дисциплина обезбедуваме контрола и моќ врз нашите животи. Таа е основата за развој на нашиот карактер.
„Штом ќе се обрзете за нешто, потребна ви е дисциплина и макотрпна работа да го остварите тоа.“
Хајле Гебресиласие (маратонец)
Многу луѓе сметаат дека ако си дисциплиниран, си војник и ја губиш креативноста и слободата. Но, тоа е огромна грешка. Дисциплината дури и значи слобода. Колку повеќе ја развиваме нашата само-дисциплина, толку повеќе се здобиваме со контрола над нашите акции и емоции и со тоа си обезбедуваме поголема продуктивност, намалување на проблемите, како и можност за успех, почит и подобро физичко и ментално здравје.
Добра вест е дека дисциплината, како и секоја вештина, може да се учи и развива. Еве неколку совети кои може да ви помогнат да ја развиете вашата само-дисциплина:
- Свесност: примарно е да знаеме и да бидеме свесни што правиме и што не правиме. Какви активности и одлуки превземаме, и дали сме сосема свесни за нивните последици. Ако не сме свесни дека нашето однесување е недисциплинирано, тогаш како ќе знаеме да го подобриме?!
- Само-познавање: дисциплината е систем за менаџирање на желбите и потребите. Доколку ние си ги познаваме добро нашите потреби, тогаш ќе донесуваме најдобри одлуки кои се во релација со нашите цели и вредности.
- Обврзување на само-дисциплина: кога ќе ги дефинирате вашите задачи и активности, мора да се обврзете дека ќе ги завршите. Само-дисциплина е кога почетниот ентузијазам за некоја работа ќе исчезне, вие сепак да останете мотивирани и да ја завршите задачата.
- Завршување на работите: дадете си ветување дека сите работи што ќе ги почнете, ќе ги завршите. Без разлика дали планираниот ефект ќе се изгуби и/или нема поента во завршување на работите, вие бидете доследни на тоа што сте си го ветиле и завршете ја работата.
- Храброст: потребна е огромна храброст да се биде дисциплиниран. Мора да си признаеме дека некои работи се тешки да ги направиме и потребна ни е храброст за да ги направиме.
- Откачете ги изговорите: бидете свесни и искрени со себе. За да не ја направите некоја работа, мозокот е спремен да измисли фантастични изговори. Не барајте изговори, туку засукајте ги ракавите и најдете решение и завршете ја работата.
- Почнете со ситни обврски: зададете си мали одговорности и задачи за исполнување, или задачи за во точно определено време од денот. Со нивно исполнување вашата само-доверба ќе се зголеми и веројатноста за исполнување на посериозните задачи е поголема.
- Фокус: не дозволувајте глупости да ви го одземаат вниманието. Нашиот мозок е дизајниран да ги завршува работите. Но, ако сред некоја активност ни се попречи некоја друга, тогаш мозокот бара таа истата да се заврши. И ако постојано ни се уфрлаат некои други работи, тешко ќе биде да го завршиме она што сме го почнале.
- Вежбајте рутина: звучи досадно но е еден од најдобрите начини за учење на дисциплина. Правење на некои работи секој ден, а не кампањски. Тоа ни дава рутина, што влијае на развојот на позитивните навики.
- Разговарајте со дисциплинирани луѓе: алоцирајте некои личности во вашиот живот (пријатели, колеги, роднини) кои сметате дека се само-дисциплинирани и разговарајте со нив. Како тие ги прават работите. Како тие се справуваат со сите тешкотии итн.
„Сите ние мора да го поминеме низ процесот на патење од една од овие 2 работи: болката што ја предизвикува дисциплината или болката од каењето и/или разочарувањето.“
Џим Рон
(претприемач /автор)
Одбивам каење и разочарување, јас повеќе сакам да се справувам со болката на дисциплината.
Со успех во имплементацијата.