Пелистерка ги награди најдобрите дизајнери на вело – паркинзи

61

nagradeni pelisterka

Елена Петровска, Филип Конески и Драган Тренчевски ги изработија најинтересните решенија на велосипедски паркинзи за што организаторот на неодамнешниот конкурс, Пелистерка, ги награди со по еден велосипед од врвна класа.

Оваа акција на компанијата имаше за цел поттикнување на креативниот израз, како и создавање архитектонски елементи преку кои ќе се популаризира и ќе се подобрат условите за урбан велосипедизам.

Дизајнерското решение на Елена Петровска, насловено “Закачи се”, е прогласено за најдобро и ќе биде основа за изработка и поставување вело-паркинзи на неколку локации во Скопје. Конески и Тренчевски се пласираа на втората и на третата позиција.

“Изборот на дизајн на вело-паркинзи е дел од нашата долгорочна стратегија за поддршка и развој на урбаните активности, меѓу кои, секако, се повеќе се вбројува и превозот со велосипед. Популарниот “точак” е извонредна алатка за спортување, за одржување на физичката кондиција, но во исто време, тоа е и исклучително средство за транспорт од кое сите имаме низа бенефиции кои се движат од здравствени, преку економски до еколошки”, велат од Пелистерка.

До компанијата пристигнаа речиси 50 засебни идејни решенија изработени од индивидуалци, но и од тимови на креативци, а сите заедно прикажаа силна приврзаност кон велосипедите како неизбежен сегмент од урбаното живеење.

Јавноста го поддржа изборот со над 8.500 интеракции и над 260.000 прегледи на социјалните мрежи што имаше улога врз конечното рангирање на најдобрите креации. Финалната селекција ја направи тим од претставници од Пелистерка, стручњаци од областа (архитект и изведувач), како и членови на неформалната група На точак и граѓанската организација Еко – свест.

Од центарот за истражување и информирање за животната средина Еко – свест, пак, истакнуваат дека поголем број паркинзи придонесуваат кон полесно возење на градскиот велосипед.