Украина до осум часот по средноевропско време не плати ни дел од долгот за гас и сега за испорака на овој енергент ќе мора да плаќа однапред, соопшти Газпром по истекот на рокот за подмирување на долгот, пренесува ХРТ.
“Денеска до 10 часот по московско време, Газпром, според постоечкиот договор, на Нафтогаз му наложува авансно плаќање за испорака на гас. Од денеска украинската компанија ќе добие онолку плин колку што ќе плати”, стои во соопштението на Газпром.
Украина и Русија ноќта кон понеделник не постигнаа договор за цената на гасот и преговорите во Киев завршија околу 2.30 часот наутро по московско време. Двете земји не можат да се договорат околу цената на гасот. Последната руска понуда беше 385 долари за 1.000 метри кубни гас, но Украина ја одби. Украина сака цена од 268,5 долари, колку што беше договорено додека беше Виктор Јануковиќ на власт, но минатата недела како компромисно решение предложи 326 долари додека не се постигне траен договор. Европскиот комесар за енергетика, Гинтер Отингер на преговорите предложи нов компромисен предлог, но Русија го одби. Отингер предложи Киев да плати милијарда долари веднаш, а остатокот во месечни рати, додека цената на гасот би била 385 долари во зима и околу 300 долари во лето.
Украинскиот требаше да уплати 1,95 милијарди долари до 10 часот.
Од Газпром соопштија дека ќе продолжат да ги снабдуваат европските потрошувачи со гас, но предупреди дека за тоа Нафтогаз мора да обезбеди гасот транзитно да помине низ Украина. Доколку Нафтогаз нелегално земе дел од гасот од транзитот за себе, можно е да има потешкотии во снабдувањето на Европа.
Газпром соопшти дека поради украинскиот долг за гас од околу 4,5 милијарди долари се обратил до арбитражниот суд во Стокхолм.
Русија обезбедува повеќе од една третина од потребите од гас на европските потрошувачи, а речиси половината од тоа оди преку украинските гасоводни системи.