Процесот на гасификација во Македонија се одвива непречено

52

Процесот на гасификација на државата непречено се одвива, рече денеска Крсте Миладинов од Македонски енергетски ресурси, во рамки на конференцијата Енергетска политика – потреби.

Тој очекува дека оваа и следната година ќе започне изградбата на сите проекти поврзани со националниот гасовод на државата.

Предвидено е гасификацијата да оди во две фази, од кои првата фаза предвидува изградба на национален гасовод од Клечовце, кај Куманово – Штип – Кавадарци и продолжува за Прилеп и Битола и делот за Струмица. Исто така, првата фаза ја опфаќа трасата од Скопје кон Гостивар. Сите други делници се предвидени за втората фаза.

Во врска со гасификацијата на Скопје, како што рече тој, беше распишан оглас за јавно – приватно партнерство кој завршува на 26 јуни.

“Се очекува во наредниот период постапката да продолжи и да се одбере концесионер кој наредните 20 години ќе стопанисува. Се проценува проектот за гасификација на Скопје да изнесува 100 милиони евра“, рече Миладинов.

Гасификација во Република Македонија, според него, е исплатлив проект, можеби во некои посебни сегменти во мали градови и мали населби не е, но во целост е исплатливо.

Експертите сметаат во следните пет години Македонија нема да има проблем со снабдувањето со гас и доколку не се надмине проблемот со Јужен тек и земјата не се приклучи кон овој гасовод.