Компанијата Витаминка а.д. Прилеп го промени системот на управување со компанијата. Отсега па понатаму, со Витаминка ќе управува Одборот на директори составен од пет члена, од кои четворица се неизвршни, а еден е извршен. За извршен член на Одборот на директори е избран Сашо Наумоски кој ќе го води работењето на друштвото и има најшироки овластувања околу раководењето и спроведување на одлуките на Одборот на директори.
Подобрувањето на управувачката структура на Витаминка продолжува со поставување на независни членови во Одборот на директори: Ѓорѓи Манчески од Економски факултет во Прилеп и Сашко Самарџиоски од Прилепска Пиварница. Ова е за првпат една македонска компанија да направи ваков одбор, чекор со кој се соединуваат бизнисмените од Прилеп.
“Со промената на системот на управување од двостепен во едностепен, целта ни беше да го поедноставиме, а со тоа и унапредиме управувањето со компанијата. Воедно на овој начин воспоставуваме соработка на управувачко ниво со Економскиот факултет во Прилеп и Прилепската пиварница, што на крајот треба да придонесе кон подобрување на микроекономската слика на локално ниво. Пред да го воведеме новиот начин, анализиравме и дојдовме до заклучок дека од ваквата постапка може да има само бенефит и за нас и за останатите прилепски компании“, изјави Сашо Наумоски, генерален извршен директор на Витаминка.
За претседател на Одборот на директори е избран Симон Наумоски. Додека пак извршниот член Сашо Наумоски продолжува со раководењето со Витаминка како генерален извршен директор. Покрај двајцата независни члена, петтиот член на Одборот на директори е Благоја Ѓорѓијовски, исто така неизвршен член.
Членовите на Одборот на директори ги вршат работите од нивната надлежност предвидени во Статутот, Законот за трговски друштва и други позитивни прописи. Се именуваат со мандат од четири години, со право на повторно именување.
Со промената на системот на управување во Друштвото се формираше и оперативен тим во кој влегуваат сите секторски директори во Витаминка. Оперативниот тим ќе има важна улога во активното спроведување на клучните одлуки за работењето на друштвото. Со оперативниот тим директно ќе раководи генералниот извршен директор.