Собранието на Хрватската стопанска комора (ХГК) вчера изгласа намалување на бројот на организациски единици и бројот на вработени. Во првата од двете фази на реструктуирањето на оваа институција, управувачкиот систем е намален од 17 на 8 организациски единици, со што за толку се намалува и бројот на директори, а бројот на вработени до крајот на овој месец ќе се намали за 152.
“Спроведуваме мерки на штедење во сите сегменти на работењето, а само во првата фаза ќе заштедиме 2,18 милиони евра на годишно ниво. Реформата мора да биде брза и интензивна”, вели претседателот на ХГК Лука Буриловиќ, пишува хрватски Лидер.
Спроведени се заштеди во подрачјето на возниот парк, како и дигитализација на брошури и на печатени материјали. Во втората фаза се планираат поголеми заштеди со централизација на набавките, централизација на сметководствените и финансиските услуги и намалување на трошоците во работењето.