Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ Браво сине и Skopje Desing Week денеска го објавија конкурсот за млади дизајнери кои ќе работат на изработка на дизајн за слаткото на велешката компанија Јоми фуд.
Конкурсот е објавен на интернет страниците www.bravosine.mk и www.sdw.mk и ќе трае до први септември. Право да се пријават имаат сите лица до 28 години кои се државјани на Република Македонија.
За примени ќе се сметаат сите апликации испратени на интернет адресата [email protected] од моментот кога ќе им биде доделена шифра од страна на администраторот.
Избраното решение ќе биде наградено со парична награда од 200.000 денари, а средствата се обезбедени од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине.
Дизајнерите ќе работат на изработка на амбалажата за слатката од асортиманот на Јоми фуд, како и на ексклузивното пакување од три видови слатка и промотивен постер за сите видови слатко, кои ќе се продаваат на домашниот пазар.
“Уверени сме дека оваа можност ќе предизвика голем интерес кај дизајнерите и задачата да креираат нов изглед на овие производи ќе биде предизвик за нив. Веруваме дека во Македонија има квалитетни дизајнери, но исто така сметаме дека има и многу национални производи со одличен квалитет кој со нов дизајн и бренд идентитет можат да бидат конкурентни на странските. Нашата мисија е да ги споиме квалитетните дизајнери со квалитетните домашни производи, а бенефитот од овој спој ќе биде нова успешна деловна приказна“, изјави Ангелка Пеева – Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине.
Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири комисија составена од претставници на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ Скопје – Браво Сине! и Skopje Desing Week, а во финалната фаза ќе биде вклучен и претставник на производителот.
Конкурсот за млади дизајнери следи по изборот на компанија производител на слатка, по традиционална рецептура, без користење додатоци и со употреба на суровина од домашно потекло.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине! и Skopje Desing Week, првпат годинава започнаа проект за поддршка на младите креативци преку брендирање на автентични национални производи. Годинава во фокусот се производители на македонско слатко како автентичен национален производ. Иницијативата на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине е поддржана и од дигиталната агенција Синапс груп.