Компанија од Шкотска направи пловечки екосистем кој ги чисти реките и езерата. Biomatrix Water понуди иновативно решение за прочистување на водите – мали острови кои функционираат како мочуришта.
Мочуриштата се познати по својата способност да ги прочистуваат водите. Нивната густа вегетација го лови вишокот хранливи материи и тешките загадувачи и помага во одржување на пловните патишта. Но, многу реки и езера веќе немаат мочуришта, затоа што тие се меѓу првите жртви кога се планира регулација или исушување на земјиште.
Малите островчиња се поставуваат на структура во која се имплементирани неколку сегменти на нови технологии. Корењата на билките растат во водата и развиваат корисен воден биофилм кој ја чисти водата и ги трансформира хранливите материи и нечистотијата. Освен што прочистуваат, го поттикнуваат развојот на растителниот и животинскиот свет над и под површината, а можат да се користат и како простор за рекреација.
Островите можат да се изработат во различни форми и големини и да се адаптираат локално. Вакви острови веќе има поставено на неколку локации во Финска, Кина и Филипини, каде успешно ги чистат и одржуваат екосистемите на локалните реки и езера.