Талеб Рифаи, генералниот секретар на Светската туристичка организација престојува во официјална посета на Република Македонија.
На покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, Рифаи е во Македонија од 27 до 30 јули. Предвидено е Рифаи да се сретне со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација Глобални лидери во туризмот, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој.
Генералниот секретар Рифаи ќе оствари повеќе средби со претставници од надлежните институции во областа на туризмот. На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје денеска попладне ќе одржи предавање за современите трендови во развојот на светскиот туризам.
Со Стопанската комора за туризам на Македонија ќе бидат потпишани и Заложбите на приватниот сектор кон Глобалниот код за етика во туризмот на Светската туристичка организација.
Рифаи вчера го посети Охрид и се сретна со заменик – градоначалникот на оваа општина, Ангел Јанев.