Мобилниот оператор Вип ги објави деловните резултати во вториот квартал од годината, кои покажуваат дека компанијата остварила пад на приходите и на добивката на годишно ниво.
Приходите во вториот квартал од 2014 бележат намалување за 13% споредено со истиот квартал минатата година и изнесуваат 14,3 милиони евра
Најголемо влијание за намалување на вкупните приходи, како што соопштуваат од компанијата, доаѓа од интерконекцијата, како резултат на регулацијата на големопродажните цени за терминација на сообраќај во мобилни мрежи, кои во однос на истиот период минатата година бележат намалување од 70%.
Вип успеал делумно да го компензира негативниот тренд во приходите преку кратење на оперативните трошоци, но и покрај тоа Заработката пред камати, даноци, амортизација и депресијација (ЕБИТДА), споредено со минатата година забележа пад за 26% и изнесува 2,5 милиони евра.
Со трошоците за депресијација и амортизација кои се речиси стабилни на нивото од предходната година, оперативна добивка изнесува 300.000 евра, наспроти 1,3 милиони евра од истиот период минатата година.
Во услови кога пазарот на мобилна телефонија во Македонија бележи стагнација, Вип ја задржува својата база на корисници во текот на првата половина на 2014 година и истовремено го зголемува бројот на договорни постпејд претплатници за 12% споредено со минатата година.
Со тоа постпејд корисниците се зголемуваат на повеќе од 50% од корисничката база на Вип, а пазарниот удел на Вип забележува благ пораст и достига 28,2%.
“Во услови на заситеност на пазарот на мобилна телефонија и остра конкурентска битка меѓу операторите, континуираниот тренд на намалување на малопродажните и големопродажните цени влијае врз профитабилноста на операторите и наложува неопходност од скратување на оперативните трошоци. Имајќи го предвид ова пазарно опкружување и предизвиците со кои се соочуваме, горди сме што забележуваме пораст во постпејд сегментот, кој сега изнесува повеќе од половина од нашата корисничка база. Ќе продолжиме и понатаму да го развиваме потенцијалот на нашата 4Г ЛТЕ мрежа со најголема покриеност во Македонија, со цел да обезбедиме најдобро искуство за нашите корисници“, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип оператор.