Eден од приоритетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде зачувување на охридската пастрмка што е бренд за Македонија.
Како што најави вчера ресорниот министер Михаил Цветков, по посета на риболовниот пункт на концесионерот на Охридското Езеро Пастрмка 2012 ќе бидат разгледани риболовните основи за зачувување и зголемување на рибниот фонд во езерата.
„Постојано слушаме дека охридската пастрмка, која е бренд за Македонија, ја нема како порано. Со концесионерот разговаравме како да ја вратиме повторно во Охридското Езеро, што можеме ние како држава и Министерство да помогнеме и да направиме“, изјави Цветков.
По средбата со претставник на концесионерот Пастрмка 2012 Танас Танасоски, министерот беше информиран и за начинот на работа и количините на улов, како и проблемите со кои се соочува.
„Концесионерот се соочува со условите дефинирани во риболовната основа. Тој треба да плати 12 милиони денари за шест години и да релизира улов од 12 тони пастрмка годинава. Но, вели дека не уловува ниту еден килограм, бидејќи ја враќа повторно во езерото за да го зголеми рибниот фонд. Треба да седнеме да ја измениме риболовната основа. Онаа риба што ја има за ловење е дадена во помали количини, а онаа што ја нема во поголеми“, појасни Цветков.
И Танасоски потврди дека колилчините за улов не се реални и не соодветствуваат со фактичката состојба на риба во Охридското Езеро.
„Сега ловиме само белвивица, која во лентиот период е во помали количини и крап“, рече Танасоски.
Според инспекторот за рибарство и аквакултура Јован Бојчовски, бројот на рибокрадци во Охридското Езеро е намален.
„Со доделување на концесијата заштитата на рибниот фонд е во многу подобрена состојбата“, истакна Бојчески.
Во насока на подобрување на состојбите ресорниот министер Цветков најави средба со сите концесионери и релевантни институции.