Во Словенија стапи на сила новиот закон за работни односи и работа на црно и Владата најави дека во борбата против сивата економија ќе биде непопустлива.
На територијата на Словенија веќе се на терен мобилни тимови со 171 инспектор кои бараат неправилности во работи како давање часови, чување деца, лични тренери, чистење, козметички услуги, сезонски работи… На удар на инспекторите се сите подрачја каде што има поголеми шанси за работа на црно, пишува Јутарњи лист.
Инспекторите ќе имаат целосно право да влезат во било кој деловен објект или простор, што вклучува дури и приватни куќи и станови ако се регистрирани за дејност на поединец или фирма. Ако постои оправдано сомневање, инспекторите ќе можат да побараат и судски налог за да влезат и во приватни станови кои не се пријавени како седиште на фирма или дејност.
Инспекциите дополнително ќе обрнат внимание на проблематичните огласи по медиумите кои нудат или бараат работа на црно. Во борбата против сивата економија ќе можат да помогнат и граѓаните, со тоа што ќе можат да пријавуваат лица за кои се сомневаат дека работат на црно.