Повеќе од 40 врвни вина, вкусна храна и добра музика ќе бидат дел од осмиот Вино – Скоп што ќе започне утре и ќе трае до 28 септември на плоштадот Карпошово востание во Скопје.
“Нашата цел е да се промовира македонското вино, со оглед на тоа што Македонија има добра географска положба и голема традиција на производство на вино“, рече денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Тој упати апел до граѓаните да го користат градскиот превоз, како и такси превозот за да можат, како што рече, оние кои малку повеќе ќе дегустираат од вината безбедно да се вратат дома.
Организаторите на Вино – Скоп најавија богата музичка програма со настапи на Хроматик поинт, битолчаните Фолтин, Тоа е тоа – бенд составен од музички имиња од легендарните Конкорд, Лева Патика, Цилиндар, Митан проект со Андријана Јаневска, Калевала, Чалгии, Браќата Тавитијан и проектот “Македонското срце чука во 7/8“, Дани Димитровска, младиот и перспективен рок бенд од Тетово ХХЛ, мајсторот на ноќните свирки Бени Шакири и Нон Стоп, Дарио, ска панк бендот Офчестра од Приштина, Само Тони и Две Жени – лудо кабаре шоу – кавер и комедија, Миле Кузмановски и други.
Публиката ќе може да ужива и во изведбата на двојните победници на Гуча, Србија – Уска Кан оркестра, прогласени за најдобар меѓународен оркестар за 2014, Маријан Мониќ – млада ѕвезда од хрватската естрада во придружба на гитаристот Кристијан Ковач, Куку Леле, Бета Хаус, Благица Павловска, актерот Тони Михајловски и Скандал састаф, како и ди-џеј Тина со тематски целодневни забави.