Националниот центар за експертиза на лекови, медицински помагала и медицинска техника при Министерството за здравство на Република Казахстан, по извршената инспекција, во јуни 2014 година, во погоните за производство на цврсти фармацевтски форми и полусинтетски цефалоспорини, во Профитниот центар Фармација, издаде сертификат за сообразност со начелата на Добрата производна пракса (GMP).
Ова е прва инспекција на погоните на Алкалоид од страна на авторитетите на земја членка на Заедницата на независни држави (ЗНД), што претставува уште една потврда за највисоките европски и интернационални стандарди, што Алкалоид АД Скопје ги применува во секојдневното работење, а се основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на своите производи не само во Република Казахстан, туку и во Русија, Белорусија и дел од останатите земји во регионот.
Со ова Алкалоид АД Скопје се потврдува како високопрофесионален производител на фармацевтски производи со примена на најсовремени производствени технологии и деловни стандарди, се со единствена цел – квалитетни, ефикасни и безбедни лекови.