Mалопродажниот ланец Жито Маркети денеска го отвори својот најнов продажен објект во Прилеп. Маркетот, кој што е со вкупна продажна површина од околу 200 метри квадратни и е лоциран во центарот на градот, има сопствен паркинг, а ќе функционира со две наплатни каси, е втор објект на Жито Маркети во Прилеп.
“На Прилепчани, овој пат, сакаме да им понудиме подобрен концепт на малопродажен објект со пониски цени. Значи, отвораме дисконт продавница или, како што уште го нарекуваме – маркет, кој што соодветствува со барањата и потребите на современиот потрошувач. Жито Маркети со секој новоотворен објект останува доследен и ја применува својата веќе докажана политика – понуда и услуга во согласност со високите стандарди на компанијата како и исполнување на барањата на купувачите“, изјави Далибор Ѓошевски, генерален директор на Жито Маркети.
Официјалното пуштање во работа на новиот објект од овој малопродажен ланец во Прилеп, на пригодна свеченост го направија Градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески и генералниот директор на Жито Маркети, Далибор Ѓошевски.
На денот на отворање, за купувачите беа достапни голем број промоции, дегустации, продажни акции, подароци и гратис производи. Работно време на маркетот ќе биде седум дена во неделата, од понеделник до сабота од 07:30 часот до 21:30 часот, додека во недела, маркетот ќе работи од 08:00 до 14:30 часот.
Новиот објект на Жито Маркети во Прилеп ќе овозможи десетина нови вработувања.