Асоцијацијата на металната и електро индустријата – МАМЕИ, што беше формирана во април оваа година, им нуди можност на домашните компании да работат со здружени сили за подобар пласман на производите и реализација на деловните планови како на домашниот, така и на странските пазари.
МАМЕИ им нуди можност на странските купувачи да бидат поврзани со соодветни добавувачи и бизнис партнери од Македонија во рамки на нивните барања и проекти.
“Успех е кога се бориш на светските пазари, рамо до рамо со сите реномирани и големи компании. Свесни сме за рапидните промени кои се случуваат во светот и сметаме дека со оваа Асоцијација ќе можеме полесно да влеземе во системот и да ја зајакнеме позицијата на домашните компании во однос на конкуренцијата со другите земји. Целата наша работа треба да резултира со значителен економски ефект проследен со нов извоз, а сето тоа ќе влијае на зацврстување на довербата и соработката на домашните компании, особено во делот на развој на нови производи“, рече Марта Наумовска Грнарова, претседател на МАМЕИ.
Македонската асоцијација за метална и електро индустрија е формирана на иницијатива на неколку компании од секторот и Швајцарската програма за промоција на извозот на Switzerland Global Enterprise.