Проект на УСАИД промовира добро владеење, транспарентност и одговорност

41

Во Клубот на пратеници, проектот на УСАИД за Обука на внатрешни ревизори во јавниот сектор (TIAPS), денеска со свечен настан ги одбележи постигнувањата на 45 внатрешни ревизори во јавниот сектор, кои успешно ја завршија обемната обука за меѓународни сметководствени стандарди и стандарди за внатрешна ревизија.

Во втората фаза на проектот ќе бидат обучени дополнителни 35 ревизори. Оваа обука е прва програма во Македонија за стекнување сертификат, која што е насочена кон работењето во полето на финансиите и ревизијата во јавниот сектор.

“Преку обучувањето на македонските ревизори во јавниот сектор за меѓународните стандарди за ревизија и најдобрите практики, ние промовираме добро владеење, транспарентност и одговорност. Ова се важни принципи во управувањето со јавните финансии и се од суштинско значење за интеграцијата во ЕУ“, истакна Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн.

Во следните две години, проектот ќе биде насочен кон две основни компоненти на проектот – (1) обука и (2) локализација. Ќе биде понудена дополнителна обука за 35 нови учесници, а исто така ќе работи интензивно и со работната група од Министерството за финансии на градење на нејзините капацитети со цел продолжување на активностите по завршувањето на проектот. Програмата за стекнување професионален сертификат за македонските внатрешни ревизори од јавниот сектор е овозможена преку заедничко финансирање од страна на Донаторскиот фонд на САД, УСАИД Македонија и словенечкото Министерство за надворешни работи.