NeoCloud е cloud computing платформа, наменета за компании и поединци кои сакаат да се фокусираат на примарните бизнис цели, препуштајќи ги модерните информатички предизвици на професионалци. Cloud computing – от им овозможува на помалите бизниси да се натпреваруваат со поголемите претпријатија, отстранувајќи ги бариерите поврзани со високи трошоци за серверска опрема и технологија. Повеќе за NeoCloud брендот и cloud computing услугите, зборувавме со Јане Антов, менаџер на проектот.
БИ: Неодамна Неоком ги претстави cloud computing услугите од портфолиото на брендот NeoCloud. Кажете ни нешто повеќе, што е NeoCloud?
NeoCloud е бренд од портфолиото на професионални cloud computing услуги на Неоком и е прв вистински cloud computing провајдер во Македонија според VMware програмата. Нашата предност пред останатите провајдери е што го имаме знаењето, но го имаме и телеком операторот Неотел. Го имаме највисокото партнерство со HP за хардверска опрема (HP Platinum Partner), па беше логично да преминеме во професионални cloud услуги. Македонија е мал пазар, па системот го дизајниравме за овие локални услови, со можност за надградба, за проширување во регионот. Во регионов има неколку cloud оператори, кои исто така се ексклузивитет на телеком операторите, бидејќи имаат финансиска моќ за големи инвестиции. Во овој проект влегуваме сериозно. Ова не е нешто што сакаме да го пробаме, затоа што е тренд, па да видиме како ќе биде, туку е стратешка определба на Неоком. Дефинитивно е нашата определба и планираме сериозно да го “раздрмаме” пазарот и да понудиме услуги на повисоко ниво.
БИ: Кои се основните карактеристики на cloud computing услугите?
Cloud computing е модел кој овозможува едноставен мрежен пристап, по потреба, до сеприсутен збир на заеднички и лесно прилагодливи компјутерски ресурси (на пр. мрежа, сервери, дисков простор, апликации и други услуги) кои можат брзо да бидат доделени и одземени со минимален управувачки напор или интеракција на провајдерот. Cloud моделот се состои од пет основни карактеристики, три услужни модели и четири модели на изведба. Ова е дефиницијата за cloud computing воведена во 2011 година од американската институција за стандардизација и технологија и ова е единствена дефиниција за cloud computing. Ние одиме по овие карактеристики и се трудиме да ги задоволиме сите барања што ги има тој стандард. Основни карактеристики се самопослужување, широк пристап на мрежата, заеднички ресурси, флексибилност и измерени услуги. Самопослужување значи дека корисникот нема потреба да бара специјален пристап од операторот за да му се овозможи надоградба на перформанси, намалување на перформанси, промена во конфигурација на услугата, туку тој може да биде во тек преку сопствен портал. Ова самопослужување воопшто не е ризично, затоа што токму тоа е и идејата на cloud computing, самите корисници да ги работат овие работи. Нормално, не е дозволено било кој во компанијата да има пристап, туку само назначени лица. Пристапот е комплетно веб и се добива сопствен интерфејс на сопствената инфраструктура. Се што знаеме дека има во класичниот дата центар, сето тоа го има во cloud, само виртуелно. Секое ИТ лице кое оперира како ИТ администратор во една организација лесно може да се снајде тука, особено што времето на провизионирање на било кој сервис е под пет минути. Аналогијата на cloud-от е поблиска со струјата. Она што го знаеме за струјата може да се преслика во cloud computing. Струјата е секогаш достапна, капацитетот што ни е потребен секогаш го добиваме. Нашите ресурси се во два дата центри, едниот во Скопје, другиот во Штип, така што реално освен ако експлицитно клиентот не побара податоците да бидат во едниот дата центар, тие можат да бидат во еден од двата, според оптеретеноста на дата центрите. И сето тоа се прави автоматизирано. Најважната работа во cloud computing се измерените услуги, да се измери услугата за да се знае што се наплаќа. Затоа треба да се знае, на пример, што не е cloud услуга? Тоа не се хостирање на веб страна или хостирање на имејл. Ако решението е ставено на виртуелизација и има некоја автоматизација, не значи дека автоматски е cloud computing. Но затоа апликациите, односно модели на услуги како софтвер како сервис, платформа како сервис и инфраструктура како сервис можат да се измерат – колку луѓе можат да пристапат, кои модули да ги користат, тоа може се да се измери и затоа влегуваат во cloud computing.
Идејата на cloud computing е да се тргне фокусот од ИТ луѓето во локалните компании и одржување на тие системи да се препушти на некој оператор кој има далеку поголемо искуство.
БИ: Колку се безбедни овие виртуелни дата центри?
Платформата што ја користиме ја користат преку 1.000 cloud провајдери во светот, па дури и самиот VMware. Од друга страна, сертифицирани сме по меѓународни стандарди ISO 27.001 (безбедност на информации)и ISO 20.000 (ИТ сервис менаџмент). Основата на безбедноста е токму стандардот ISO 27.001 кој ја дефинира безбедноста во рамки на компанијата. За жал, се уште нема меѓународен стандард за cloud computing, но набрзо ќе го има, во ISO е во драфт верзија. Најголема дилема што се појавува кај корисниците е дали се безбедни моите податоци, кој може да ги гледа? Не е проблемот дали се безбедни на cloud-от, туку колку се безбедни во самата компанија. ISO 27.001 се основа на три начела: доверливост, интегритет и достапност. Доверливоста е дека податоците се безбедни, не може било кој да ги гледа. Интегритетот е дека нема да бидат променети, ќе останат во оригиналната форма, а достапноста е дека ќе бидат достапни во секое време. Овие три начела што се основа на стандардот се задоволени преку имплементацијата на самиот cloud computing. Другиот аспект на безбедност е што самите софтвери овозможуваат повеќе корисници да бидат на иста платформа, а да не си ги гледаат податоците меѓу себе.
БИ: Колкави се шансите за хакирање на податоците?
Шансите за хакирање се минимални. Секогаш има шанса нешто што е направено од човек, да може да има некој пропуст. Но cloud computing е веќе пет години на светскиот пазар и искуството покажува дека до сега нема cloud провајдер што бил пробиен. Дали ние имаме пристап до податоците и можеме да ги видиме? Во принцип да, но имаме процедури коишто го логираат секој таков обид. Администраторите над самиот систем имаат пристап до податоците, но со секој обид се логирани од централен систем во кој не можат да избришат запис. Секогаш останува ревизорска трага која можеме да ја доставиме и до суд и тие траги веќе се признаваат кај нас.
БИ: Какви нови услуги планирате да воведете во брзо време?
За неколку дена ќе воведеме услуга disaster recovery како сервис. (Disaster Recovery – DR) вклучува сет на политики и процедури со кои се овозможува обновување или продолжување на витална технолошка инфраструктура и системи по природни или човечки предизвикани катастрофи.) Законски обврзани со DR се сите што имаат имплементирано ISO 27.001. Трошоците за одржување на еден ваков сајт се 90% од примарниот, а нема да го користат за ништо. Нашата услуга овозможува континуирана репликација, па на фирмите ќе им биде многу поевтино да ја користат нашата услуга, затоа што ќе немаат инвестиции за ваков сајт. Ова е уникатна услуга што моментот на пазарот ќе ја имаме само ние.
БИ: Кои се вашите клиенти, кого таргетирате?
На нашиов пазар таргетираме на сите. Секоја организација која што сака да се фокусира на сопствените бизнис процеси, а ИТ делот да го даде да го работат професионалци е подготвена и за cloud. Сега за сега имаме неколку сервиси, понатаму тие ќе бидат комплетни, од компјутер до cloud услуга, интернет и телефонија како пакет, така што било која фирма што сака да започне бизнис, нова фирма, едноставно може да ги избере сите работи, да ги имплементира, да не се грижи за ИТ делот и да биде соодветно лиценцирана. За постоечки фирми, во зависност од потребите, нудиме ресурси, развојни околини, се што им е потребно. Процесот за набавка на нов сервер, односно за имплементирање на нова услуга во рамките на компанијата е над 50 дена. Значи, треба да се разработи, да се купи, да се постави, да се обезбеди… тоа трае 50 дена. Со нас сето тоа може да се направи за неколку часа. Нашите услуги се соодветни за софтверски компании што развиваат софтвери, поголеми компании на кои им треба инфраструктура за развој, за тестирање, за DR. Во првиов период таргет ни се мали и средни компании и институции кои што имаат законски регулативи да имплементираат DR. Првично ќе бидеме бизнис ориентирани, а понатаму ќе бидеме и кон крајни, односно домашни корисници. Тоа ни е главен фокус до крајот на годината, а понатаму ќе се движиме според барањата на пазарот.