Калифорнија во 1989 година беше погодена од земјотрес со интензитет од 6,9 степени, што предизвика огромна материјална штета во Сан Франциско, Оукленд и неколку крајбрежни градови. Дваесет и пет години подоцна, тим од инженери од Универзитетот Станфорд осмислија темел за резиденцијални објекти, што е способен да издржи земјотрес што е и до три пати посилен од оној во 1989 година, а притоа да не биде премногу скап.
“Принципот што стои зад овој систем е мошне едноставен бидеќи кога земјата се тресе, куќата ќе лизга на темелот“, вели Едуардо Мирада, професор на Универзитетот Станфорд.
Додека трае земјотресот, куќата ќе може да се движи преку лежиштата, односно челични топки со пречник од 10 сантиментри, кои се движат со помош на посебно дизајнирани лежишта од галванизиран челик, што го намалува влијанието на хоризонталната сила од земјата и со самото тоа да ги намали штетите на објектите.
Технологијата што се користи е многу слична на сеизмичките лежишта што се користат кај јавните објекти, но нивната цена е многу пониска. Инженерите од Станфорд тврдат дека имплементацијата на овој систем би чинела од 10.000 до 15.000 долари и може да се изведе за само четири дена. Еднократното поставување на овој систем е мошне едноставен и поевтин во однос на трошоците за осигурување.
Од 10.000 земјотреси што годишно ја погодуваат Калифорнија, околу 15 до 20 се разорни и со голема моќ. Осигурителните компании пресметале дека сопственик на просечна куќа би требало годишно да плаќа по 673 долари за да може да ги покрие штетите предизвикани од земјотреси.