Трговскиот дефицит, во период од јануари до октомври оваа година, изнесува 1.944.887.000 долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари – октомври 2014 година изнесува 4.142.761.000 долари, а на увозот 6.087.648.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 68,1%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – октомври 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите членки на ЕУ 28 со 76,8% и земјите од Западен Балкан со 13,9%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите членки на ЕУ 28 со 64% и Останати земји, на друго место неспомнати со 11,7%.
Според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, односно 52% од вкупната надворешно – трговска размена се врши со овие пет земји).