Агенцијата за катастар на недвижности денеска доби сертификат за функционалност на информацискиот систем од Министерството за информатичко општество и администрација. Сертификатот го користат органите на државната управа при комуникација и размена на податоци и документи по електронски пат.
“Сертифицирањето на катастарот претставува чекор напред во модернизацијата и надградбата на целокупниот систем на оваа институција која секојдневно нуди услуги во интерес на граѓаните“, оцени министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој го врачи сертификатот на директорот на Катастарот Славче Трпески, јавува Миа.
Сертификацијата, како што појасни, се состои од голем број контроли кои произлегуваат од светските стандарди како што е серијата ИСО 27.000. За добивање на сертификатот треба да се исполнат технички барања, барања за кадар со чија помош се одржува информацискиот систем, за оценка и управување со ризици, за доверливост на информациите и нивоата на пристап до нив, како и барања за следење и управување инциденти поврзани со информациска безбедност.
Според Трпески, со сертификацијата Катастарот добива признание дека ги има применето сите стандарди што ги предвидува МИОА во однос на развојот и воведувањето на информатичко – комуникациските технологии за сите институции во Македонија.
“Агенцијата за катастар на надвижностите е државна институција која има еден од технички најкомплексните информациски системи поставени на клауд платформа, чии податоци се заштитени според највисоките стандарди од ниво на пристап до информации до следење и строга контрола на информациската безбедност и заштита од ризици. Ова е големо признание за катастарот, кој практично воведе електронски систем со кој моментно за над 50% од севкупните услуги податоците ги добива по електронски пат, со тенденција да се поврзе со сите институции и целокупното работење да биде по електронски пат“, рече Трпески.
Катастарот, како што рече тој, интензивно работи на воспоставување на регистарот на цени на недвижности, адресниот регистар и регистарот на градежно земјиште, поткрепени со најсоверемена информациска технологија, а со кои ќе бидат запазени сите пропишани стандарди од МИОА.
Следен чекор, најави министерот Ивановски, е регистрирање на катастарот во системот за размена на податоци по што ќе може ефективно да се користи системот и изградените сервиси.
Катастарот е петтата институција која што доби сертификат за функционалност на информацискиот систем, по Царинската управа, Народната банка, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Фондот за здравствено осигурување.
“Очекувам во наредниот период да се сертифицираат системите и на други институции со што ќе се овозможат услови за воведување нови Е-услуги. На тој начин ќе можеме да го заокружиме процесот во овој домен и да создадеме севкупен институционален систем кој ќе работи според највисоки стандарди од интерес за граѓаните“, рече Ивановски.