УСАИД ќе ги ревитализира руралните заедници во Полог со помош на ЛЕАДЕР пристапот

46

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, во партнерство со МДЦ-Ти.нет и општините од полошкиот регион, вчера свечено го одбележа почетокот на иницијатива за имплементација на ЛЕАДЕР (LEADER) пристапот за локален економски развој во Полог.

ЛЕАДЕР пристапот е форма на јавно-приватно партнерство базиран на оформување на Локални акциони групи (ЛАГ-ови), здруженија кои се состојат од претставници на јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Оваа нова иницијатива ќе работи на формирањето на две Локални акциони групи во полошкиот регион кои ќе ги обединат трите сектори околу заеднички проблеми поврзани со локалниот економски развој и ќе им овозможат да развијат проекти за нивно решавање.

„ЛЕАДЕР пристапот е најефективен кога граѓани од различни занимања се здружуваат со разбирање дека економскиот развој не е ексклузивен домен на малкумина, туку одговорност на сите,“ рече Џејмс Стаин, директорот на УСАИД во Македонија. „Овој пристап става голема важност на вклучувањето на традиционално помалку застапените групи во процесот на економски развој, како жените и младите,“ додаде тој.

ЛЕАДЕР пристапот е иницијатива на Европската унија за поддршка на проекти за рурален развој кои се иницирани на локално ниво со цел ревитализација на руралните обласни и создавање на работни места. Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси во 2013 и 2014 го воведе ЛЕАДЕР (LEADER) пристапот во Пелагонија и во североисточниот регион и успешно формираше две Локални акциони групи. Локалните акциони групи во битолскиот и ресенскиот регион ги обединија приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор околу заеднички проблеми поврзани со локалниот економски развој. Локалните акциони групи веќе работат на развивање и спроведување на проекти за економски развој, вклучувајќи и студија која ќе им помогне на производителите на јаболка од Ресен да додадат вредност на нивното производство преку преработување на јаболките во јаболков сок или концентрат.