Руската компанија Стројтрансгас утре ќе ја почне изградбата на магистралниот гасовод делница Клечовце – Блок станица 5, како дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Македонија, соопшти денеска Акционерското друштво за вршење енергетски дејности Македонски енергетски ресурси, пишува Миа.
Церемонијата за почеток на работите ќе се одржи во реонот на кумановското село Клечовце, во непосредна близина на регионалниот пат Куманово – Свети Николе. Од гасоводот Клечовце – Неготино кој е планиран во должина од 96,6 километри, Стројтрансгас треба да изгради 61 километар до јуни следната година.
Вредноста на проектот изнесува 75,7 милиони долари, обезбедени со договорот за намирување на заостанатиот долг меѓу ССР и поранешна СФРЈ, чиј потписник е Македонија.
Трасата на новиот гасовод од Клечовце, според проектот, треба да биде приклучок на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје. Оттаму ќе се движи кон Свети Николе кое ќе биде заобиколено, каде е предвидено да има приклучно место за крак кон тој град и кон Велес. Понатаму гасоводот ќе поминува во близина на индустриската зона во Штип. За останатиот дел од трасата до Неготино и Кавадарци треба да се обезбедат дополнителни финансии.