УСАИД и Хабитат организираа инвестициски форум за енергетска ефикасност за секторот домување

41

habitat

УСАИД и Хабитат Македонија денеска одржаа инвестициски форум, организиран во рамки на нивниот проект за енергетска ефикасност во секторот домување. На форумот беа присутни повеќе од 50 учесници од приватниот и од јавниот сектор, кои ги разгледаа потребите и потенцијалите за инвестирање во енергетската ефикасност во секторот домување во Македонија.

„Се надеваме дека ќе го поттикнеме инвестирањето, претприемништвото и создавањето на работни места во секторот за енергетска ефикасност и дека ќе ги мотивираме сите засегнати страни да се инволвираат во унапредување на резиденцијалната енергетската ефикасност“, изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД.

„Нашите активности вклучуваат соработка со сите чинители со цел да влијаеме на Националната стратегија за енергетска ефикасност и соодветните Акциски планови, за да обезбедат мотивација за сопствениците на домовите да преземат активности и да ја подобрат енергетската ефикасност во своите домови. Инвестирањето во енергетска ефикасност во домувањето е важно не само заради тоа што ја намалува загаденоста и штеди средства и ресурси, туку и затоа што во тек на процесот на унапредување на енергетската ефикасност можеме да создадеме работни места и да понудиме вистински услови за развој на бизнисот“, изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.

Проектот на УСАИД за енергетска ефикасност за секторот домување е тригодишна иницијатива наменета да донесе унапредување во станбените згради во кои живеат семејства со ниски примања. Овој проект се имплементира од Хабитат Македонија и им помага на семејствата кои живеат во колективни станбени згради да ја намалат потрошувачката на енергија и со тоа да ја намалат висината на сметките. До денес, во рамки на проектот реализирани се енергетски ефикасни реновирања на 32 колективни станбени згради во 7 општини, поддржувајќи повеќе од 600 домаќинства. Проектот исто така придонесе кон зголемување на капацитетите и помогна да се подигне свеста за енергетската ефикасност во секторот домување.