Компаниите во Македонија имаат идеи, главен проблем е нивната комерцијализација  

54

??????????

Повеќе од две третини од компаниите во Македонија, во периодот помеѓу 2010 и 2013 година, вовеле нови или подобрени производи и/или услуги, кои во најголем дел ги развиле во нивното претпријатие, покажува истражувањето на Knowledge Center од Скопје кое беше презентирано вчера на прес-конференција.

Истражувањето спроведено во периодот декември 2014 – февруари 2015 година помеѓу 98 компании покажа дека една третина од компаниите иновациите ги спровеле во нови или значително подобрени процеси на производство (31,4%), а 13,7% не направиле никаква интервенција во своите оперативни процеси. Загрижувачки податок од истражувањето е дека половина од иновативните активности или проекти отпочнати во периодот помеѓу 2010 и 2013 година биле напуштени во почетната фаза на реализација или пак биле сериозно одложени.

“Заклучокот е дека компаниите во Македонија имаат идеи. Главниот проблем е во нивната комерцијализација. Тие немаат сознание за своите капацитети за иновации и оттука не умеат да ги капитализираат постоечките ресурси, платформи и знаења. Вториот проблем произлегува од недостатокот на финансии или поточно недоволната информираност за ресурсите кои им се нудат“, изјави г-ѓа Андријана Богдановска Ѓуровиќ, основач и директор на Knowledge Center.

Истражувањето за иновативните активности на македонските компании е дел од проектот Aim@Innovations, кој е поддржан од Централната Европска Иницијатива (CEI) преку повикот КЕП Австрија 2014 и Австриската Агенција за развој.

На презентацијата на резултатите од ова истражување присуствуваа и г-ѓа Тања Пиперник, претставник од Централната Европска Иницијатива (ЦЕИ) и г-дин Волфганг Шабертер, претставник од компанијата Brain+, Австрија, партнер во проектот Aim@Innovations.
Проектот Aim@Innovations има за цел да овозможи трансфер на знаење и да ги зајакне националните капацитети за обезбедување поддршка и обуки од областа на управување со иновации за мали и средни компании, како и да понуди помош на старт-ап и спин-оф организации во Македонија. Knowledge Center е компанија од областа на истражување, проект менаџмент, управување со знаење и стратешки менаџмент.