Трговски дефицит од над 431 милиони долари во првото тримесечје

47

Трговскиот дефицит во првото тримесечје од оваа година е 431.899.000 долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – март 2015 година изнесува 1.025.076,000 долари, а на увозот 1.456.975.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 70,4%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – март 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите членки на ЕУ 28 (78,7%) и земјите од Западен Балкан (10,5%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите членки на ЕУ 28 (62,8%) и Останати земји, на друго место неспомнати (11,3%).

Според вкупниот обем на надворешно трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија (51,6% од вкупната надворешно трговска размена се врши со овие пет земји).