Започнува Тинтири Минтири Филм Фест

112

sl1

Под мотото Филмови на големото срце ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест, во периодот од 5 до 7 јуни 2015 година во Кинотека на Македонија, во организација на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија.

Во борба за официјалната награда се пријавија 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.

„Со децата кои се зачленуваат во центарот работиме буквално на сите аспекти од филмот, почнувајќи од развој на идеја, преку синопсис, сценослед, сценарио, поделба на улоги, глума, режија, камера, тон, монтажа итн. Нашите членови стекнуваат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволуваат потребата за креативно изразување. Со детските филмските дела се верифицира нивниот труд и желба за работа. Нивната возбуда кулминира со премиерното фестивалско прикажување на делата што сами ги направиле. Целта ни е да оставиме траен печат во срцата на децата, којшто понатаму може да помогне истите да започнат професионално да се занимаваат со филмот. Тие се нашите идни македонски филмски работници“, вели м-р Кузман Кузмановски, раководител на центарот Тинтири Минтири и директор на фестивалот.

Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.

Во план е во втората фаза, програмата да биде прикажана низ повеќе градови во Република Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ Тинтири Минтири ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.

poster

На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање на филм според истото. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: [email protected] и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје.

„Целта ни е преку уметничката работа на филм кај децата да ја зајакнеме самодовербата, да го поттикнеме нивниот конативен и когнитивен развој, а притоа да не ги симнеме насмевките од нивните лица.“, вели м-р Кузмановски.

Центарот продолжува со работа и со организирање на летни активности поврзани со филмот и филмската уметност.

sl2

Екипата на Центарот се состои од режисер, сценарист, снимател, актер, педагог, социолог, како и други соработници и популарни и докажани професионалци од аудиовизуелната област. Тимот на Тинтири – Минтири 12 години работи со деца од предучилишна и одделенска возраст во сферата на аудио-визуелните медиуми и театарската уметност, а под водство на м-р Кузман Кузмановски. Меѓу другото, организира работилници за анимација за деца во рамки на македонскиот интернационален фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест. Центарот стои зад реализацијата на играните серии за деца Патувања со рабробил (2004) и Патувања со рабробус (2007).

Повеќе информации за уписите и тековните часови, како и програмата можете да добиете на контакт телефоните 078 44 75 27, 078 301 551 и 078 30 21 61 или на нашиот мејл  [email protected] и веб-сајт http://tintirimintiri.mk/.