Меморандум за дефинирање на услови за извоз на млечни и месни производи во Русија

85

Македонски млечни и месни производи ќе може да се извезуваат на рускиот пазар. За исполнување на барањата за да се реализира извозот, како и за создавање заштитни механизми за злоупотребите со увоз на земјоделски производи во Русија со лажни македонски сертификати, денеска е потпишан Меморандум помеѓу македонските Министерство за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство со Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, пишува Миа.

Со Меморандумот на техничко ниво треба да се регулираат ветеринарните и фитосанитарните услови и барања за домашните оператори за храна кои сакаат да извезуваат во Русија, за што се преговара подолго време. До Агенцијата за храна досега се доставени барања за извоз од 12 оператори, кои ќе бидат подложени на инспекција од комисија од Руската федерација кон крајот на август или почетокот на септември годинава. Очекувањата се првите производи да бидат извезени до крајот на годинава.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков истакна дека целта на активностите е проширување на пазарите за македонските производи.

“На пазарот во Руската Федерација нашите земјоделски производи, месо и месни производи и млеко и млечни производи не се продаваат и од тие причини правиме напори да можеме да ги продаваме. Имаме проблеми и со издавање лажни сертификати на други земји со друго производство согласно забраната за увоз на земјоделски стоки од ЕУ, така што наши сертификати се користат за извоз на овие земјоделски производи во Руската Федерација“, рече Цветков по потпишувањето на Меморандумот.

Алексеј Алексеенко, помошник раководител на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, информира дека Македонија ќе добие скоро неограничен пристап кон рускиот и пазарите на останатите земји од евроазиската економска унија. Договорена е размена на податоци на најоперативен начин и подготвени се да помогнат во создавање електронски системи, вклучувајќи  сертифицирање, лабораториски испитувања… Тоа се создава со цел да излеземе на ниво кога можеме да соработуваме само врз основа на доверба, наведе Алексеенко, дополнувајќи дека целта е и да се спречи незаконско користење македонски сертификати.

Трговската размена на Македонија со Руската Федерација во 2014 во однос на 2013 година е зголемена за 92,8%, а во првите три месеци од годинава е задржано истото темпо.