Грантови од по 201.000 денари за 400 нови старт – ап компании

23

Нови 400 бизниси ќе бидат финансирани од Владата со грант од по 201.000 денари во рамките на Оперативниот план за активни мерки за вработување преку Програмата за самовработување. За 32 најиновативни бизниси од нив ќе бидат доделени над 240.400 денари, а за оние 60 кои ќе докажат во нивниот бизнис план дека им е неопходно дополнително вработување за уште едно лице ќе им бидат доделени по уште 92.000 денари, пишува Миа.

Започна вториот циклус од Програмата за самоврабтување, со кој се планира да се поддржат 400 невработени лица кои имаат своја бизнис идеја и сакаат да формираат сопствен бизнис со грант од по 201.000 денари.

“Од 2007 до 2014 година вкупно 22.500 невработени се пријавиле за учество во Програмата. Од нив преку 8.300 лица се обучени и се стекнале со претприемачки вештини од областа на финансии, маркетинг, продажба и деловно планирање, а 6.775 лица успеале да го регистрираат својот бизнис и да се стекнат со грант од 185.000 денари, обезбедени во форма на опрема, материјали и ваучер за обука за претприемништво, како и експертска помош за изработка на бизнис план во вредност од 16.000 денари“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

За една недела ќе започне со регистрација на првите бизниси од планираните 500 за првиот циклус за самовработување за 2015 година и со реализација на околу 118 милиони денари за нивно формирање.