Германската стопанска комора во Македонија одбележа 15 години работење

113

Македонско – германското стопанско здружение и Германската стопанска комора во Македонија вчера, во присуство на германската амбасадорка во Кристине Алтхаусер, го прославија своето 15 годишно работење во Македонија, пишува Миа.

“Македонско – германското стопанско здружение е основано во 2000 година во Скопје со 60 компании. За овие 15 години прерасна во најголемото билатерално здружение во Република Македонија со 185 компании членови“, порача директорот на Германската стопанска комора во Македонија, Мартин Кнап.

Тој посочи дека членови на Здружението се главно македонски и германски мали и средни претпријатија, но и големи претпријатија од сите стопански гранки, банки и научни институции.

“Здружението со своите активности прави постојани напори за поддршка и јакнење на македонско -германските стопански односи што вклучува поддршка на германските инвеститори кои доаѓаат на македонскиот пазар и нивно етаблирање тука, воедно и воспоставување на деловни контакти со македонските компании“, рече Кнап.

Во 2000 година во Македонија работеле 15 германски компании, а за овие 15 години бројот на германските компании што подразбира директни инвестиции и германски претставништва е зголемен за 10 пати и ја достигнува бројката од 150.

“Билатералната трговска размена од околу 2,4 милијарди евра во 2014 година многу бргу растеше и претпоставувам дека оваа сума ќе продолжи да се зголемува. На тој начин, Германија останува најважниот трговски партнер на Македонија. Македонија меѓу германските претпријатија важи за добро место за инвестирање, а 85% од германските претпријатија што работат овде, повторно би инвестирале во земјава“, рече германската амбасадорка Кристине Алтхаусер.