Стоката од Македонија од денеска патува со еден документ во 34 земји

49

Македонските извозни компании од денеска ќе може само со еден транзитен документ да се движат низ 34 земји од ЕУ, ЕФТА и Турција. Ова го овозможува пристапувањето на Република Македонија кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стоки, со што Македонија станува и чекор поблиску кон интеграцијата во Европската унија, пишува Миа.

Конвенциите обезбедуваат единствено движење на стоката во рамки на земјите членки од една влезна точка до местото на завршување на транзитната постапка, без разлика на тоа низ колку држави и гранички премини стоката треба да транзитира.

Македонија е прва земја од земјите во Западен Балкан која пристапува кон Конвенцијата во која пристап имаат 34 земји, односно 28-те земји членки на ЕУ, членките на ЕФТА – Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија и Турција.

Со заедничката транзитна постапка движењето на стоката е полесно и побрзо, царинските формалност се поедноставни и транзитот е поефикасен. За царинската служба со заедничката транзитна постапка се подобрува системот за превенција и полесно се откриваат измамите, а безбедноста при спроведувањето на транзитните операции е зголемена.

Пристапувањето кон заедничкиот транзитен систем значи усогласување на законодавството, обука на цариниците и економските оператори, како и развивање на софтвер кој ќе може да се поврзе со сите земји членки на Конвенцијата, а кој е развиен со три милиони евра финансиска поддршка од ЕУ преку програмата ИПА 2008 и 0,5 милиони евра учество на Владата на Република Македонија.